Америка го отфрли предлогот на Русија, за судбината на источна Украина да се одлучува на референдум.
Официјален Вашингтон смета дека референдумот нема да е легитимен, бидејќи реонот не е под контрола на украинската влада.
Предлогот се појави по самитот на Доналд Трамп и Владимир Путин во Хелсинки.
„Администрацијата не планира да поддржи референдум во источна Украина. Организирање на референдум во дел од Украина, кој не е под владина контрола, нема да биде легитимен“, изјави Гарет Маркис, портпарол на Советот за национална безбедност при Белата куќа.
Од Белата куќа подвлекоа дека мировниот договор од Минск, потпишан во 2015 година, не вклучува можност за референдум.
Се очекува европските сојузници на САД, исто така, да се спротивстават на референдумот во Донбас, кој е под власта на проруски сепаратисти.