„Договорот со Грција не е вистинската причина поради која ВМРО-ДПМНЕ го блокира изборот на новиот состав на ДИК, туку идејата е да издејствуваат начин на кој претходното раководство на партијата ќе се спаси од затвор, односно од обвиненијата од СЈО“, информира „Фокус“ повикувајќи се на високи партиски извори.
Неофицијално, ВМРО-ДПМНЕ сега од премиерот Зоран Заев бара да се направат измени во Кривичниот Законик, во делот на член 353, односно на кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Доколку ова биде сторено, тоа ќе значи дека речиси сите поранешни функционери ќе куртулат од затвор, бидејќи во речиси сите случаи на СЈО, меѓу другото, се гонат по членот 353 за кои казните се највисоки, односно над пет години.
Според правната логика невозможно е да целосно да се укине овој член, но може да се интервенира во делот на висината на предвидените казни, односно истите да се намалат. На овој начин би дошло до застарување, кое се смета од деното кога е сторено кривичното дело.
На пример, во предметот Т.Н.Т., Груевски се гони по членот 353, односно му запретува казна затвор од најмалку пет години. Според сегашната ситуација делото бидејќи е сторено на крајот на 2012 година, застарува дури во 2022 година, но доколку предвидената казната, со измените кои ги бара опозицијата, на пример се намали на три години, тогаш делото ќе застари на крајот на 2018 година.
Делото со сигурност ќе застари бидејќи до крајот на годината е невозможно да се дојде до правослина пресуда.
Според пресметките на ваков начин во вода би паднале барем 11 случаи на СЈО, од вкупно 20, но би ги спасило и екс функционерите од новите истраги, бидејќи делата брзо би застарувале, бидејќи се извршени во периодот од 2011 до 2015 година.