На европските берзи утринава се тргуваше мошне внимателно затоа што вложувачите на сакаа да рескираат пред известувањата за инфлацијата во Америка, додека на пазарите поддршка им пружаат новите рекорди на берзанските индекси на Вол Стрит.
СТОХХ 600 индексот на водечките европски акции во 9.30 часот беше непроменет во однос на вчерашниот ден и се движи близу рекордните нивоа.
Притоа лондонскиот ФТСЕ индекс стагнира на околу 7.300 поени, додека парискиот ЦАЦ е во минус за 0.05 отсто, и чини 7.042 поени. Франкфуртскиот ДАХ, пак, зајакна за 0.10 отсто, и има вредност од 16.062 поени.
И на азиските берзи утринава се тргуваше внимателно па МСЦИ индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, околу 9.30 часот беше во плус за 0.2 отсто.
Притоа на Токиската берза Никкеи индексот ослабе за 0.7 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја и Австралија паднаа меѓу 0.1 и 0.3 отсто. Во Хонг Конг и Шангај благо пораснаа.
Поддршка на пазарите им дава вчерашниот благ раст на цените на акциите на Вол Стрит заради што сите најважни берзански индекси достигнаа нови рекордни нивоа.
Најмногу вчера пораснаа цените на акциите во индустрискиот и рударскиот сектор затоа што во саботата Конгресот ги прифати предлог законите на претседателот Џо Бајден за вложување во инфраструктурата.
„Така уште 1.000 милијарди долари ќе бидат вложени во стопанството, кое и онака стабилно расте. Вложувачите сметаат дека е тоа многу добро за пазарот на акции“, вели Пол Нолти, раководител во компанијата „Кингсвеј Есет Менаџмент“.
Поголем раст на Вол Стрит спречи вчера падот на цената на акциите на „Тесла“ за речиси 5 отсто, затоа што основачот на компанијата Елон Маск најави продажба на 10 отсто од своите акции.
Маск, имено, во неделата на Твитер праша дали треба да продаде акции, а речиси 58 отсто од одговорите во анкетата беа за продажба.
На пазарите владее внимателност и заради тоа што утре ќе биде објавен податок за инфлацијата во Америка, кој би можел да влијае на очекувањата во врска со зголемување на каматните стапки на Американската централна банка.
„Иако претседателот на Фед, Џером Пауел, неодамна истакна дека средишната банка ќе биде стрплива по прашањето на каматите, растот на инфлацијата и платите се интензивира. А тоа значи дека отчукува времето до кога може да се држи до таа линија“, пишуваат аналитичарите во освртот на состојбата на пазарите.