Според пресекот направен во 9 часот, на гласачките места во Општина Гевгелија, во вториот круг од локалните избори се изјасниле 1.537 граѓани што претставува излезност од 8 отсто, соопштија од општинската комисија.
Во Гевгелија право на глас имаат 19.076 граѓани, а во трка за градоначалник се Андон Сарамандов од ВМРО-ДПМНЕ и Сашо Поцков од СДСМ.
Околу 11 проценти е излезноста на 46-те гласачки места во Општина Пробиштип, каде што право на глас имаат 12.545 граѓани.
Заменик претседателот на ОИК-Пробиштип, Анкица Генеовска, истакна дека гласањето навреме е почнато во сите избирачки места. На две, напомена, се појавиле проблеми со апаратот за отпечаток од прст, но со помош на информатичарите проблемите за кусо време биле надминати.
Во Лозово од вкупно 1.974 гласачи на 9 избирачки места до 9 часот на гласање излегле 221 гласач или 11,5 проценти од гласачите запишани во избирачкиот список, информра Ванчо Пешевски, претседател на ОИК Лозово.
Во Чашка, пак, од вкупно 6.171 избирачи на 30 избирачки места во општината излезеноста до 9 часот е 9 проценти или 557 гласачи.
„Гласањето во нашата општина се одвива во фер и демократска атмосфера“, рече Јованче Николовски, првиот човек на Општинската изборна комисија.
Ниска е излезноста во вториот круг во Тетово, Брвеница, Желино, Теарце и во Боговиње.
До 9 часот гласале само три отсто тетовци, во Брвеница 3,28 отсто од вкупно 15.732 избирачи, во Желино 2,92 од 23.485 лица со право на глас, во Теарце 2,76 од 22.450 и во Боговиње 2,3 проценти од 23.981 избирач.
(Фото: МИА)