Во ССОУ „Јовче Тесличков“ или попознато како „економска“ во Велес ќе се врши реконструкција на стариот дотраен дрвен кров, кој е во лоша состојба, како и замена на азбесна покривка, која е штетна по здравјето.
Проектот чини шест милиони и 505 илјади денари од кои три милиони и 90 илјади се обезбедени од грант преку Министерството за финансии поддржан од Меѓународната банка за обнова и развој, а втората половина од три милиони 415 илјади ќе биде обезбедена од општинскиот буџет.
Од општина Велес информираат дека, со проектот, изработен од Друштвото за консалтинг Еуропартнер груп, ќе се реонструира целата кровна површина од 1184 метри квадратни заедно со оштетената дрвена кровна конструкција.
Тие посочуваат дека кровот е во лоша состојба, а кровната покривка е со азбесни табли, кои се штетни по човековото здравје и опасни по животната средина.
Инаку, за издвојување на средства од општинскиот буџет одлука, неделава на последната 37 седница донесе Советот на Општина Велес, кој за оваа намена изврши измена и дополнување на Програмата за активностите на општина Велес во областа на локалниот економски развој.
Со измената се обезбедија средства за учество на општина Велес во проектот за реконструкција на кровот на ова средно економско училиште во градот.
Инаку во зградата на ова училиште порано беше сместено ООУ „Трајко Андреев“, кое престана да постои пред повеќе од десет години,а во него тогаш беше сместено средното економско училиште.