Италијанската полиција го уапси денес одметнатиот водач на моќниот мафијашки клан Ндрангета, Марчело Пеше, кој управувал со операциите од јужниот регион на Калабрија до северната Ломбардија.
Пеше е одведен во притвор утринава, од спалната соба на куќата во која се криел, во Розарно, а полицијата во истата куќа уапсила уште еден маж и неговиот син, пренесува АП.
Италијанскиот министер за внатрешни работи Анџелино Алфано рече дека ова апсење ја потврдува секојдневната посветеност на италијанската полиција на борбата против организираниот криминал.
Пеше, кој важи за еден од најмоќните водачи на калабриската мрежа на организиран криминал Ндрангета, избегна апсење во април 2010 година, а подоцна во отсуство е осуден, по обвинение за криминално здружување, на 16 години и осум месеци затвор, потсетува американската агенција.