Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој, Николче Бабовски, денеска во Кавадарци ги додели првите картички за зелена нафта за земјоделците од оваа општина.
Од понеделник, вакви картички ќе можат да подигнат сите земјоделци во подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Кавадарци е последната општина во која се распределуваат вакви картички. Се работи за 5.947 од вкупно 55 илјади платежни картички за набавка на гориво за земјоделска механизација. Кавадаречките картички се во вредност од 15.041.723 денари.
Оваа подрачна единица е со најголем број на апликанти, од кои најмногу се
лозари и овоштари.
„Со ова директно влијаеме врз намалувањето на трошоците што земјоделците ги имаат за производство, со што домашните производители ги правиме поконкурентни. Зборот е збор и картичките ги распределивме и пред ветениот рок. Практично, во неполн месец на сметките на земјоделците, со ова враќаме 200 милиони денари, односно им покриваме 30 отсто од производствените трошоци“, рече Бабовски.