На територијата на целата држава до синоќа беа активни десетина пожари, од кои дел беа локализирани или ставени под конторла.
На терен продолжуваат напорите за справување со огнените стихии во кои се вклучени припадници на противпожарните единици од земјава и екипи од Австрија, Бугарија, Словенија и Романија, припадници на Армијата и МВР, вработени во шумските стопанства, но и локални жители.
Благодарност до сите вклучени во справувањето со огнената стихија упатија претседателот, Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Од владејачката СДСМ истакнаа дека деновиве нашите најголеми борци се луѓето кои на терен преземаат натчовечки напори во борбата со бројните пожари и за својата посветеност истите ќе бидат и наградени со соодветни финансиски надоместоци согласно законите и колективните договори.
„Благодарни сме им на пожарникарите, но и на војниците, полицајците, доброволците, институциите и на сите оние кои прават се’ да се изборат со овој нов многу сериозен предизвик, наведоа од СДСМ, посочувајќи дека системот функционира, државата е тука за граѓаните, бргу се организира и веќе е воспоставена контрола на постоечките жаришта“.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, повторија дека е потребен прекин на одморите и итна седница на Собранието, на која ќе се расправа за кризната состојба со пожарите.
„Се покажа дека не постои систем за заштита. Додека целиот регион праќаше пожарни и ресурси за справување со пожарите, само Заев ја напушти земјата. Потребен е прекин на одморите и итна седница на Собранието на која ќе се расправа за кризната состојба со пожарите“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.
Помошник-раководителот на Центарот за управување со кризи, Марија Милкова, вчера попладне информираше дека заседавал Главниот штаб при ЦУК со цел да се договорат активности кои треба да бидат спроведени во текот на денешниот ден.
„Ќе се донесат мерки и активности со препораки за утрешното дејствување на ресурсите на локално ниво“, рече Милкова.
Според податоците на Центарот за управување со кризи, до синоќа биле активни пожари кај делчевското село Разловци, над пехчевското село Будинарци, кај штипско Драгоево, во светиниколско кај Богословец и кај Богословски рид, над скопските села Раовиќ и Буковиќ, близу во Катланово, кај Дивље и Крушје, на планината Китка, кај крушевското село Светомитрани, на две локации во прилепско – кај селата Дрен и Смолане и кај Топлица и кај кумановско Романовце.
Дел од пожарите се локализирани или се под контрола.