Веста што вчера пристигна од Софија е фрапантна по многу нешта: тамошната изборна комисија утврдила дури 24 валидни кандидати за претседателските избори во Бугарија, за уште еден дополнително ќе одлучува дали ќе се најде на изборните листи, а на два-тројца им ги одбила кандидатурите поради неисполнување на предвидените услови што требало да ги исполнат за претседателската трка предвидена за 14 ноември годинава.
Не сум слушнал – можеби има – за друг пример во Европа, па и во светот, за олкав број официјални кандидатури во трка за претседателски мандат, како ова сега во Бугарија. Во нормални услови, претседателската функција и кај нашиот источен сосед е, главно, церемонијална, со вообичаено нешто поголеми ингеренции во дипломатијата и одбраната. И таму претседателот не решава за ништо битно во економијата и многу малку за што било друго важно од бугарското секојдневие. А, сепак, триесетина шаренолики партиско-политички формации нудат свои кандидати во претседателската трка.
Во што е проблемот, ако го има?
Голем број на кандидатури во изборни натпревари – на пример, за градоначалничката функција во Скопје во недела ќе се натпреваруваат дури 12 партиски и независни кандидати – може да биде добар знак за состојбите со демократијата во една земја, бидејќи доколку луѓето не би верувале дека имаат некаква шанса во демократската трка, веројатно повеќето не би ни влегувале со своја кандидатура.
Од друга страна, кандидатската супер-инфлација несомнено говори и за одредена криза во политичкиот амбиент, за нестабилност, непредвидливост, а секако и конфронтираност и какофонија околу тоа кој за што се залага во своите изборни платформи.
Второво е описот на бугарската политичка состојба пар години наназад. Бугарското општество не е на крстосница, туку се врти на голем кружен политички тек од кој не може да го „погоди“ излезот ни со неколку вонредни парламентарни избори годинава. Со олку претседателски кандидати, така ќе биде и со изборот на следниот бугарски претседател: кој и да победи на тие избори, ќе претставува мал дел од гласачите, а ќе треба да придонесе во консолидацијата на парам-парчињата на кои е распадната бугарската политичка и општествена сцена. Речиси невозможна мисија, на краток рок.
Зошто е тоа важно за нас? Погаѓате…
Нема особени причини да не веруваме дека сите 24-25 пријавени бугарски претседателски кандидати веројатно се согласуваат во една единствена работа: Македонците не постојат, немаат нација, немаат свој јазик и не треба да се пуштат во ЕУ додека не ја сменат „историјата“ и однесувањето коешто го тврди спротивното. Оваа генерализација е упростена, но нијансите во ставовите, и да ги има, се само варијации на истата тема. Тоа значи дека и новиот бугарски претседател ќе нема политички капацитет, ниту позначајна поддршка, за учество во изнаоѓањето компромисно преоѓање на „Рубиконот“ на македонско-бугарските односи.
…
Koлумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука