Романскиот милијардер Дан Петреску, неговата сопруга, синот и пет пријатели загинаа вчера кога нивниот авион се сруши во близината на Милано и изгоре. Со леталото управувал Петреску.
Малиот авион полетал од миланскиот аеродром Линате кон Олбија на Сардинија, каде што живеел Петреску, и се срушил на само пет минути од полетувањето, во Сан Донато Миланезе, мало градче југоисточно од главниот град на Ломбардија. Се запалил после ударот во празната деловна зграда која била во фаза на реновирање.
Италијанските медиуми наведуваат дека во авионот биле шеесет и осумгодишниот Дан Петреску, неговата сопруга Доротеа (65), нивниот син Дан Стефан (30), Филипо Насимбене (33), со сопругата Клер Стефани Каролајн Александреску, нивниот син Ралф и мајката на Клер Стефани, Мируна Лозинчи, и триесет и шестгодишниот Џулиен Просард, од Канада, пријател на Дан Стефан.
Петреску е еден од најбогатите Романци, имал двојно државјанство, романско и германско. Неговата сопруга е француски државјанин, а синот Дан Стефан, роден во Минхен, како и својот татко имал двојно државјанство, и германско и романско.
Петреску имал големо богатство проценето на три милијарди евра стекнати во работи со недвижности. Беше сопственик на неколку хипермаркети и трговски центри.
Според наводите на романските медиуми, бил мошне приватна личност и живеел дискретно, возел стари автомобили, скромно се облекувал и понекогаш летал со економска класа како и сите други луѓе, заради што го стекнал прекарот „Милијардерот од сенка“.
После романската револуција во 1989 година стана деловен партнер на милијардерот Ион Тириак.
(Фото: ЕПА)