Во Ростовската област на Русија е пронајден тенк „Ладога“, оклопно возило познато по прекарот „возило за нуклеарна апокалипса“, пишува „Росијска газета“.
Според информациите на порталот, вкупно биле произведени пет вакви возила. Тие уште се нарекувале и „тешки лимузини“, затоа што требало да се користат како командно-штабски возила за високи воени и политички официјални лица на СССР.
Тенковите во кои можеле да се сместат шест луѓе, биле добро заштитени од оружје за масовно уништување, затоа биле тешки по 42 тони.
Ленинградските конструктори ги опремиле оклопните возила со моќни вентилациски и клима уреди. Тие, меѓу останатото, поседувале и најнови, во тој момент, системи за врски и набљудување, телевизиски камери и уреди за контрола на животната средина.
Првиот тенк бил направен во почетокот на осумдесетите години од минатиот век, врз основа на шасијата на тенкот Т-80 со мотор ГТД-1250. Тенковите можеле да се движат со брзина до 80 километри на час.
Возилото било тестирано во 1986 година во Чернобил, заради „снимање“ на околината. Подоцна тоа искуство е искористено за правење модерни модели на тенкови.