Членот на Комисија на Босна и Херцеговина за спроведување на референдум, Горан Змијанац, денес е сослушан во Обвинителството во Сараево во врска со референдумот за Денот на Република Српска, кој беше одржан на 25 септември.
Змијанац бил сослушуван во својство на осомничен.
Како осомничен ќе биде сослушан и Милан Петковиќ, адвокат од Бања Лука, исто така член на Комисијата за спроведување на референдумот.
Покани од оваа правосудна институција Змијанац и Петковиќ добиле минатата недела.
Змијанац и Петковиќ се повикани поради распит во предметот против претседателот на РС, Милорад Додик, за неизвршување на одлуката на Уставниот суд на БиХ, Судот на БиХ или Домот за човекови права.
И Додик добил покана и требало да се појави во Обвинителството на 3 октомври, но поради, како што изјавил, лична безбедност нема да доаѓа во Сараево туку изјавата ќе ја даде во некоја правосудна институција во РС.
Властите во Република Српска одржаа референдум за Денот на РС и покрај тоа што Уставниот суд на БиХ на 17 септември донесе времена мерка со која забрани одржување на референдум.