Со превентивна активност „Безбедно патување во зима“, делење флаери со едукативна содржина и демонстрирање на поставување синџири за снег на возилата, во Струмица беше одбележан 9.Декември-Денот на полициската превенција.
Според Хризантема Рендевска, началник на Отсекот за превенција при СВР Струмица, со оваа активност се подигнува свеста кај учесниците во сообраќајот, но се врши и нивно запознавање со поставувањето и користењето на зимската опрема.
-Сакам да информирам дека Отсекот за превенција во текот на целата година реализираше бројни активности и покрај пандемијата од Ковид-19, која се уште трае.
Меѓутоа, сите овие активности кои ги реализиравме беа во согласност со препораките на Владата. Истовремено изразуваме благодарност до сите партнери кои дадоа поддршка во реализацијата на нашите превентивни активности, рече Рендевска.
Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) потенцираат дека едукацијата и превенцијата се особено важни за безбедноста на сообраќајот.
-Сообраќајната едукација и превенција се исклучително важни во процесот на креирање на еден општествен систем во кој сообраќајната култура зазема значајно место. Токму затоа РСБСП, во соработка со МВР, континуирано реализира превентивни и едукативни активности, рече Ристе Манчев од РСБСП.
По повод одбележувањето на овој ден на повеќе поединци и организации им беа доделени благодарници, меѓу кои и на МИА.
Одбележувањето на Денот на полициската превенција беше организиран од Отсекот за превенција при СВР Струмица, Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај во партнерство со РСБСП и „Автодијагностика“ од Струмица.