Цела ноќ во Индија горат клади крај кои стојат неутешни роднини, кои своите најмили ги загубија во пандемијата со корона вирус.
Вториот бран од чумата наречена корона ја коси Индија која секојдневно брои на стотици илјади новозаболени, а битката со вирусот во Њу Делхи секој ден ја губат по повеќе стотици луѓе.
Работниците во крематориумите работат деноноќно, но не можат да постигнат да ја завршат работата.
„Пред пандемијата имавме по осум до десет кремирања на ден, сега имаме меѓу 100 и 120“, вели Јитендер Синг Шанти, главен шеф на крематориумот Семапури во источниот дел од градот.
Заради зголемениот обем на работа тој бил принуден да нареди на паркингот на крематориумот да се изѕидаат нови платформи за кремирање. Места за кремирање има толку малку, а тела толку многу, така што луѓето добиваат број за чекање во ред.
Во последниве денови крематоириумите работат деноноќно, а сега властите се соочени со нов проблем – им снемува дрва за огновите. Градоначалникот на Северен Делхи со писмо им се обратил на властите и ги замолил комуналните претпријатија да обезбедат нови количини дрва, за да може кремациите да се извршуваат непречено. Додека не стигнат нови залихи, роднините на починатите се принудени сами да купуваат дрва за да моќат своите најмили да ги кремираат, пишува Си-Ен-Ен.
Многумина велат дека немаат избор и дека веќе долго чекаат да дојдат на ред за кремација. Овој чин религиски е многу важен за Индусите, кои веруваат дека телото мора да биде уништено за да може душата да го продолжи својот пат.
Во Индија вчера биле пријавени речиси 380.000 нови случаи на заразени со корона вирус, што е нов светски рекорд. Починале повеќе од 3.600 луѓе.