Португалија со закон им забрани на шефовите да им испраќаат на работниците текстуални и електронски пораки после работното време. Ова е дел од новиот законски пакет кој популарно се нарекува „право на одмор“. Одлука има за цел да го урамнотежи приватниот и професионалниот живот.
Компаниите со повеќе од 10 вработени можат да се соочат со казна ако контактираат вработени надвор од времето кое е наведено во договорите за работа.
Донесени се и нови правила за работа на далечина за рабвотниците со деца. Родителите можат без временско ограничување да работат од дома, без да побараат дозвола од работодавачите, се додека децата не им наполнат осум години.
Фирмите би можеле и да бидат приморани да плаќаат дел од трошоците при работа од дома, на пример за струја или интернетски трошоци.
Со оглед дека кај работниците може да се јави чувство на изолираност, од фирмите се очекува редовно да организираат физички состаноци.
Сепак, некои елементи од законскиот пакет не се прифатени во португалскиот парламент, вклучувајќи го и „правото на исклучување“ кое би им овозможило на работниците да ги исклучат сите уреди после работното време.
Португалската министерка за работа и поцијална помош, Ана Мандес Годинхо минатата недела на конференција во Лисабон изјави дека работата на далечина менува многу работи, а дека нејзиниот раст мора да биде регулиран.
Таа се надева дека подобрата заштита на работниците ќе привлече и многу странци да дојдат во Португалија, сметајќи ја својата земја „една од надобрите места на светот за дигиталните номади и работниците на далечина“.