Дваесет и двегодишниот Дејан Георгиевски попладнево освои сребрен на Летните олимписки игри што се одржуваат во Токио откако по голема борба во финалето во категоријата над 80 килограми загуби од Русинот Владислав Ларин.
Успешниот настап и освоениот сребрен медал на Георгиевски на Фејсбук му го честиташе претседателот Стево Пендаровски.
„Сребрениот вреден како злато. Дејан, ти си нашиот олимписки херој. Твојот успех е историски за Северна Македонија“, напиша шефот на државата.
Освоениот сребрен медал на Георгиевски на Фејсбук му го честиташе и премиерот Зоран Заев кој напиша дека успехот е историски.
„Историски успех за младиот Дејан Георгиевски. Од сѐ срце им честитам на Дејан и на неговиот тим, коишто успешно се изборија за заслужениот медал. Нека овој успех биде поттик за сите, дека со љубов, истрајност и напорна работа, успесите се неминовни, напиша Заев.
Честитки на Георгиевски упатија и министрите за внатрешни и надворешни работи, Оливер Спасовски и Бујар Османи.