Германската компанија „Гересхајмер“ денеска официјално ја отвори фабрика во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2 во Бунарџик за производство на специјализирани производи од медицинско стакло и пластика.
Станува збор за инвестиција од областа на фармацевтската и здравствената индустрија во минимална вредност од 25 милиони евра во која треба да се вработат 400 лица.
Првиот инвестициски циклус на „Гересхајмер“ е петгодишен и започна во 2019 година, а се очекува да заврши до 2024 година со инвестиција од најмалку 25 милиони евра.
Вчера на средба во Влада претставниците на германскиот концерн најавија и втор инвестициски циклус за производство на стаклени шприцеви за медицински цели.
Компанијата „Гересхајмер“ е водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика со годишен обрт од 1,5 милијарда евра. До 2028 година компанијата планира годишниот обрт да изнесува 3,5 милијарди евра.