Откажувањето на договорот за купување на подморници од Франција, на што се одлучила владата на Австралија, е уште еден повик за тревога во Европската унија да го зајакне својот суверенитет, оценуваат властите во Берлин.
Германците порачуваат и дека, после овој потег, ќе биде тешко да се обнови изгубената доверба.
„Не можеме да се потпираме исклучиво на други, но мораме да соработуваме, а мораме да ги надминеме и нашите разлики внатре во Унијата и да зборуваме со еден глас“, изјави германскиот министер за европски работи, Михаел Рот, на конференцијата за новинари, непосредно пред состанокот со своите колеги во Брисел.
„Сите мораме да седнеме на маса. Изгубената доверба мора да биде обновена – а тоа очигледно нема да биде лесно. Но, сакаме да дадеме конструктивен придонес“, заклучи Рот.