Извинувања од Берлин стигнуваат едно по едно. После најострите осуди за новиот бран на антисемитизам и најавите за пресметка со неговите носители, германската влада призна дека сторила геноцид во Намибија, додека таа држава била нејзина колонија.
На припадниците на племињата Хереро и Нама, заради масакрот извршен пред повеќе од еден век, ќе им бидат исплатени над милијарда евра, но не во готови пари, туку во проекти кои ќе бидат финансирани во оваа африканска земја.
До сега колонијалното минато на Германија беше во втор план, а политичарите и историчарите повеќе се фокусираа на нацистичките злосторства, пред се на Холокаустот.
Германските војници, меѓу 1904 и 1908 година, после избувнувањето на побуната против странските колонизатори во Намибија, убиле околу 75.000 луѓе, 65.000 од племето Хереро и 10.000 Нами.
Историчарите на Обединетите нации веќе долго време тоа го нарекуваат прв геноцид во 20 век.
Намибиските медиуми јавуваат дека со тие пари ќе се финансира во инфраструктурата и здравството и во програми за обуки во наредните 30 години.
„Иако Германија претходно ја призна „моралната одговорност“ за убиствата, официјално не се извини за масакрите за да ги одбегне оштетните побарувања“, информираат медиумите во Намибија.
Во изјавата со која се најавува спогодба со Намибија, после повеќе од пет години долгите преговори, шефот на германската дипломатија, Хајко Мас, порача дека за случувањата од германскиот колонизаторски период треба да се зборува без штедење или ублажување.
„Сега и официјално овие случувања ќе ги наречеме со вистинското име – геноцид“, прача Мас.
(Фото: АП)