Последното телевизиско соочување на кандидатите за канцелар во Германија, го засили впечатокот дека Берлин чекори кон влада на Социјалдемократите (СПД) и Зелените.
Преклопувањето на социјалните теми и стратегии во највиталните сфери на внатрешната политика, ги наведе аналитичарите на тврдењето дека овие две партии здружено ќе владеат со Германија во наредните четири години.
Некои сметаат дека ќе им биде потребен и трет партнер. Не е извесно дали тоа ќе бидат либералите (ФДП) или Левица, иако двете партии, засега, одбиваат да коалицираат со левичарите како и со десната Алтернатива за Германија (АфД).
Каква ќе биде навистина власта во Берлин после заминувањето на канцеларката Ангела Меркел, најмногу ќе зависи токму од третиот партнер, со исклучок ако се случи чудо и демохристијаните (ЦДУ-ЦСУ) останат главни во власта.
Како што моментно стојат работите, тоа е многу малку веројатно. Тие, имено, имаат едвај нешто повеќе од една петина од избирачкото тело, додека социјалдемократите веќе ја поминаа четвртината.
Сеуште не се исклучува можноста на голема коалиција ЦДУ-СПД која повеќе од една деценија функционираше во Германија.
Што се однесува до самите кандидати за канцелар и нивната харизма, нема никакви сомнежи дека далеку најдобро котира актуелниот вицеканцелар и министер за финансии, Олаф Шолц (СПД).
Во анкета на Институтот „Форс“, 42 отсто од гласачите изјавиле дека би гласале за Шолц, затоа што „се покажал убедливо најдобар“. За кандидатот на ЦДУ, Армин Лашет, се изјасниле само 27 отсто, а за „зелената“ Анабела Бербок, 25 отсто.
За мнозинство во Бундестагот потребни се 45,5 отсто од избирачкото тело, а сите најголеми партии кои учествуваат на изборите се далеку од овој процент.
Моментно најдобро пласираната, според анкетата на Институтот „Инса“, СПД, има 26 отсто. Втора е ЦДУ со 21 процент, следат Зелените со 15 и Либералите со 12 отсто. Десничарите, АфД, имаат 11 проценти, а останатите под девет.
Иако неговите социјалдемократи се на чело, токму како и тој самиот, Шолц трпи негативни последици од полициската истрага во своето Министерство за финансии, каде што на мета на инспекторите е царинската служба.
Државното обвинителство во Оснабрик, кое го „чешла“ Министерството за финансии, спроведе рација и во Министерството за правда кое, исто така, го водат социјалдемократите. Целта е да се испита работата на Финансиската разузнавачка единица (ФИУ) со седиште во Келн, која е во надлежност на Министерството за финансии.
СПД и Зелените, имаат исти „гледишта“, особено кога е во прашање минималната работна сатница. И едните и другите се залагаат за граница од 12 евра бруто и финансиска помош за семејствата, посебно за оние со деца.
Демохристијаните, пак, се против законското зголемување на минималецот. Армин Лашет вели дека „не е примерно“ кога државата се меша во преговорите меѓу синдикатот и работодавачите.