Вкупниот број случаи на заразени од корона вирус во Германија денеска помина пет милиони, покажуваат најновите податоци на централната германска инфективна агенција.
Институтот Роберт Кох објави дека се евидентирани 33.498 нови случаи на заболени, со што вкупниот број на заразени во земјата од почетокот на пандемијата се искачи на 5.021.469.
Седмодневната инциденција на 100.000 жители се зголеми на 298 што е уште еден негативен рекорд.
Политичките и здравствените службени лица ги предупредуваат Германците дека пред нив можат да бидат тешки седмици на соочување со експлозија од нови случаи. Но, и покрај тоа, политичките лидери нема да се состанат пред четврток за да ја разгледаат состојбата и да се договорат што да се стори со рестечката епидемија.
Политичкиот одговор на ковид-19 е попречен од фактот што неодамнешниот пораст следеше по националните избори, пред да успее веројатната идна влада да постигне договор за приоритетите и распределбата на овластувањата, што е предуслов за преземање на функцијата.
„Никогаш не сум била толку загрижена за пандемијата колку што сум сега“, изјави Сусан Џон, претседател на лекарската комора „Марбургер Бунд“.
Порастот на заразата посебно е шокантен затоа што во текот на првите 18 месеци од глобалната пандемија Германија често се наведуваше како една од земјите која посебно добро го контролира ширењето на болеста.
Но, сега болниците предупредуваат дека им понедостасуваат капацитети и простор за помош на пациентите. Многу настани се одложуваат заради пандемијата.
(Фото: ЕПА)