Синдикатот на германските машиновозачи најави дека од вечерва до 13 август неговите членови ќе стапат во штрајк, затоа што пропаднаа неговите преговори за платите со Дојче Бан, железничкиот оператор.
Акцијата на синдикатот во време на сезона на годишни одмори кога е зголемена побарувачката за железничкиот превоз после ублажувањето на корона мерките за ограничувања, предизвика општо огорчување во Германија.
Дојче Бан се обидува да ја покрие штетата од 1,3 милијарди евра предизвикана од поплавите кои минатиот месец ја погодија Западна Германија.
Шефот на ГДЛ, Клаус Веселски, изјави дека 95 отсто од членовите на синдикатот гласале за штрајк.
Синдикатот на машиновозачите бара зголемување на платите за околу 3,2 отсто и еднократна помош од 600 евра заради корона вирусот. Од синдикатот додаваат дека сакаат спогодба слична на онаа која е договорена за работниците во јавниот сектор.
Управата на Дојче Бан го оцени штрајкот како непотребна ескалација на состојбата на сметка на корисниците на железницата и ги повика синдикалните лидери да се вратат на преговарачката маса.
„Раководството на овој синдикат токму сега, кога луѓето повеќе патуваат и повторно ги користат возовите, ќе го уништи подобрувањето кое е неопходно, после огромната штета од пандемијата“, порача Мартин Зајлер, шеф на кадровската служба на Дојче Бан.