Членовите на германската влада се потресени од „стравичните вести“ од Берлин и не сакаат да зборуваат за терористички напад, велат ќе ги почекаат резултатот од истрагата.
Министерот за внатрешни работи Томас де Мезијер вели дека е информиран веднаш после „страшниот настан“ и упати сочуство до семејствата на жртвите.
Мезијер рече дека властите во Берлин можат да сметаат на поддршка од сојузната полиција.
Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер, во првата реакција, истакна дека загинаа многу луѓе кои вечерва го посетија Божикниот пазар во Берлин, а дека уште повеќе се полесно и потешко повредени.
„Сеуште не знаеме што точно се случило. Безбедносните сили работат со полна пареа“, рече Штајнмаер.
Милер: Страшно е во денови на радост да имаме мртви луѓе
Градоначалникот на Берлин, Михаел Милер, изјави вечерва дека е запрепастен со нападот на Божикниот пазар во главниот град на Германија, наведувајќи дека сите интервентни сили се алармирани и координирано работат, посебно околу згрижувањето на повредените.
„Страшно е во време кога луѓето се радосни и мирно слават на улица, да имаме мртви. Многу е тешко нешто такво да се доживее, затоа што секогаш се надевавме дека вакви ситуации нема да имаме во Берлин“, рече тој.
Милер нагласи дека состојбата на теренот е под контрола и дека експертите треба да ја завршат својата работа, за утрината да може да ни биде соопштено што се случило.
Австрија шокирана од настанот во Берлин
Австриските политичари се вчудоневидени и шокирани од трагичниот настан што се случи на Божикниот пазар во Берлин.
Канцеларот Кристијан Керн, преку Твитер, им изрази сочуство на семејствата на загинатите и порача дека, после деталната анализа, треба трезвено и доследно да се одговори.
Вицеканцеларот Рајнхолд Митерленд, како и шефот на дипломатијата Себастијан Курц, исто така преку Твитер, истакнаа дека се работи за стравичен настан.
Министерот за внатрешни работи Волфганг Соботка, во соопштението, најостро го осуди нападот во Берлин, и нагласи дека, кој и да стои зад него, едно е сигурно, мора да знае дека „Европа е единствена повеќе од кога и да е во намерите да ги спречи нападите на своите луѓе“.
Идниот претседател на Австрија, Александер ван дер Белен наведува дека е шокиран од тоа што се случи во Берлин, и преку Фејсбук, порача дека се работи за страшни вести.