Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган (67) е можеби навистина ранлив пред изборите во 2023 година, но не затоа што неговата владеачка Партија на правдата и развојот (АКП) на локалните избори во 2019 година претрпе пораз во поголемите градови, вклучувајќи го и Истанбул.
Американскиот магазин „Форин Полиси“ наведува дека постојат знаци дека Ердоган можеби е многу болен за да воопшто и се кандидира.
Последните месеци се појавија низа снимки на кои турскиот лидер не изгледа најдобро. На една делува дека му била потребна помош од сопругата и помошниците за да се симне по скали. На друга делува дека има потешкотии во одењето кон Антикабир, мавзолејот на основачот на современа Турција, Кемал Мустафа Ататурк. На трета, минатиот јули како отежнато да зборувал во текот на празничната телевизиска честитка до членовите на својата партија.
„Повремено делува како да е прилично слаб“, укажуваат од „Форин Полиси“.
Се додава дека се зборува оти Ердоган се бори со се поголема заборавеност, дека има проблеми со дишењето, конфузија, и дека го зголемил бројот на лекари околу себе, а ги намалил средбите со медиумите. Наводно, зема лекови против болки пред јавните случувања.
Ако Ердоган заради која било причина не може да влезе во трката за реизбор во 2023 година, според Член 106 од турскиот Устав, потпретседателот Фуат Октај би ги превзел неговите одговорности и овластувања до одржувањето на изборите и полагањето на заклетва на новиот претседател.
(Фото: ЕПА)