Саудиска Арабија објави дека денеска се уапсени 207 вработени во десетина државни министерства, во рамки на најновата истрага на саудискиот антикорупциски регулатор.
Идентитетот на приведените не е објавен и не е јасно како се уапсени, пишува новинската агенција АП.
Саудиската Национална комисија за борба против корупцијата, позната како „Назаха“, ги најави апсењата во понеделникот доцна вечерта.
Корупциската „чистка“ почна кон крајот на 2017 година, а му помогна на престолонаследникот, на принцот Мохамед бин Салман, да ја консолидира власта и на кралството да му припадне имот во вредност од 106 милијарди долари.
Саудиските државјани долго се жалеа на распостранетата корупција во владата и на тоа дека јавните средства ги раздаваат и злоупотребуваат оние на власта.
Комисијата наведува дека во оваа последна рунда се истражени повеќе од 460 лица, и дека како резултат на тоа 207 саудиски државјани се приведени заради обвинение за корупција, злоупотреба на овластувањата и измамни.
„Уапсените, кои се службеници во Националната гарда и низа министерства, ќе бидат проследени во Обвинителството“, соопшти комисијата.