Суштината на твојата приказна ми остава горчлив вкус во устата. Не ми е сеедно, оти знам, го поминав истото. Гледаш ли сега како животот е непредвидлив.
Емотивниот говор е најмалку, навистина најмалку што може човек да го направи во такви околности. Дури и кога не се лицемерни, солзите и зборовите не чинат ниту жолта банка. Ти велам, знам, го поминав тоа.
Туку, сега надевај се дека Апелацискиот суд ќе ти ја уважи жалбата и дека барем, ако не ништо друго, ќе ти ја намали казната. Оптимизмот е многу исправна опција се додека ја гаиш. Горде, сега нема место за дефетизам.
Не верувавте дека крајот може да биде исклучително јаден, прекриен со бестијалности што ги правевте. Не верувавте, нели, дека ќе завршите на буништето на историјата.
Подадената рака за спас, гледаш, никој не ја прифаќа, а најмалку оние кои вие на големо ги инсталиравте и практикувавте. „Плати, па ќе те фалам. Ако немаш, можам само да те жалам!“ Ете тоа е вистината. Веројатно сега ќе сфатиш.
Не мислевте Горде дека се е минливо, па и владеењето. Ни ја одзедовте иднината.
Зарем не знаеше дека требаше да бидеш „нормална“ онаква каква што си била пред да земеш се под „своја власт“, да имаш доблест.
Зарем не те болеше душата секогаш кога ќе кренеше рака на некој?
Вработувавте за гласови за потоа да вршите притисок врз вработените, ги полневте институциите со партиски кадри без грам познавање од работата, без стручност и одоворност
Луѓето не можеа да најдат излез од вашите „прегратки“. Тие за вас беа стока за продажба.
Се храневте со нивната немоќ. Лицемерно, Горде, до коска.
Глумевте борци за демократија, а отпуштавте од работа се што мрда, што не е со вас, што не е ваше партиско. Се пресметувавте со неистомислениците.
Не оставивте луѓето кои и да се, кои можат, смеат и требаат да размислуваат со своја глава, да носат одлуки за кого ќе гласаат. Ги влечевте шиптарите за уши, а циганите ги вадевте на клоци. Владеевте и бевте семоќни. Здраворазумноста никогаш не ја имавте. Таа никогаш не беше дел од вас.
Никој не заслужува да го има својот живот под контрола.
Вие не вредите повеќе од мене, повеќе од моето семејство. Вие не вредите ниту пак повеќе од Зоран, Горан, Јетон, Џемаил или кој било друг.
Бевте една од најголемите елементарни непогоди за нас. Бевте бесчуствителни. Скриени зад вашите маски и заштитени од медиумите со скапо платени прилози покажувавте демек грижа за настраданите. Глумевте светци, спасители на народот, а само се грижевте за рејтингот и за ништо друго. Злобно се кикотевте во позадина. Покажавте расипана и извитоперена сентименталност. Се беше одвратно, популистички и лицемерно.
Бевте се само не застапници на граѓаните. Бевте профитери. Бевте недопирливи. Глумевте спасители од проблеми што токму вие ги создававте.
Горде, многу, многу грешевте. Ама, ете, до тука било.
Признај, те молам. Сега, сега биди силна и кажи дека погрешивте, колку и да ти звучи тешко. Ти можеш и мораш да го изговориш тоа. Сега не треба да се креваат раменици, да се бега од одговорност.
Сега треба да ти и „другарчињата“ дса превземете одговорност. Но, се сомневам дека ќе соберете сила да го сторите тоа, затоа што никогаш не сте ја имале.
Јас искрено се надевам дека после ова повеќе на никој не ќе му падне на памет да го сее семето на злото.
Во затворот оставив се зад мене, едно минато кое беше исполнето со убави спомени. Таму во „Ц“ влегов во тунелот на безизлезот. Таму го слушав гласот на болката која ме задушуваше во солзи. Талкав низ ќелиите со својата тага.
Тројцата ние, јас сопругата и ќерката, оставивме еден убав живот само поради тоа што така посакавте. Сега целиот живот ни е поинаков…
Ми го растргнавте светот, но ми ги отворивте очите. Јас сега имам причина да живеам, да се смеам. Мораш и ти да имаш, послушај ме. Не ти го велам ова со злоба. Никогаш не е доцна за нов почеток.
Горде, пријателке, доброто постои иако ти никогаш не веруваше во истото.
ПС. А, да, да ти кажам… Мојата борба за слободна, демократска и просперитетна Македонија продолжува!