Грабнувачите на либискиот авион „Африкија ервејз“ кои денеска под закана дека ќе го разнесат авионот во воздух го присилија екипажот да слета на Малта, ги ослободија сите 118 патници и членови на екипажот и сами се предадоа на полицијата.
Драмата траеше неколку часа, а патниците, меѓу кои биле жени, деца и едно бебе, ослободувани биле во групи.
Според првите извештаи повредени нема.
Малтешкиот премиер Џозеф Мускат, кој цел ден ја информираше јавноста за случувањата во авионот, потврди дека грабнувачите се предадоа, после што биле претресени и приведени во полицијата на распит.
Премиерот на Малта претходно на Твитер објави дека во авионот се наоѓаат 82 мажи, 28 жени и едно бебе.
Еден од двајцата грабнувачи изјави за либиската телевизија дека е поддржувач на политиката и следбеник на Моамер ел Гадафи.
Ројтерс ја пренесе и изјавата на неименуван либиски пратеник кој разговарал со еден од патниците дека грабнувачите барале основање на партија во таа земја.
„Ал Арабија“: Бараат ослободување на синот на Гадафи?
Во текот на денот медиумите објавија дека грабнувачите, за да ги ослободат патниците од заробеништво, побарале да се пушти од затвор синот на Гадафи, Саиф ал-Ислам.
Весникот „Ал Арабија“ во своето електронско издание објави дека во авионот имало и членови на либискиот парламент.
Авионот „ербас А320“ со 111 патници и седум членови на екипажот слета на аеродромот во Малта, под присила на грабнувачите.
Пилотот на грабнатиот авион пред слетувањето им јави на колегите од контролната кула дека авионот е грабнат, а како што наведува „Ројтерс“ повикувајќи се на извори од либиската полиција, пилотот долго се обидувал да ги убеди грабнувачите авионот, сепак, да слета во Триполи.
Меѓутоа, кога му секаниле дека ќе се разнесат со бомба, бил принуден да го пренасочи леталото кон Малта.
Во прашање е летот 8У209 на „Африкија ервејз“ кој инаку требало да биде од Саба на југозападот на Либија до Триполи.
„Африкија ервејз“ има два лета, во вторник и во петок, и двата се во домашниот сообраќај.
Во меѓувреме, сите летови од меѓународниот аеродром на Малта беа суспендирани.
На пистата во тој момент се наоѓаа авиони на „Луфтханза“ и „Рајанер“, во кои патниците веќе се имаа качено.
Девет летови за Малта од европските престолнини се пренасочени кон Катанија после добиените информации дека дошло до заложничка криза.