Германскиот бродоградител „Верфтен“ (MV Werften) поднесе барање за стечај поради финансиски тешкотии во кои се најде заедно со неговата матична компанија, организаторот на крстарења „Гентинг Хонг Конг“.
Околу 1.900 работници би добиле отказ
Веста ја потврди судот во Шверин, главниот град на сојузната покраина Мекленбург, каде се наоѓаат три бродоградилишта на компанијата. Околу 1.900 вработени се известени за стечајот, изјави претходно портпаролот. Нивната иднина сега е неизвесна.
Објавувањето за банкротот го означува неуспехот на преговорите меѓу германската федерална влада и владата на Мекленбург, од една страна, и сопственикот на „Гентинг Хонг Конг“ од друга страна.
Германската влада, наводно, била подготвена да помогне, но барала во спасувањето да се вклучи и сопственикот, што не се случило. Претседателот на „Гентинг Хонг Конг“, Колин Ау, неодамна изјави дека неговата компанија до германската влада доставила четири понуди за дополнително финансирање на „Вертфен“, но сите биле одбиени.
Фирмата гради брод вреден 1,5 милијарди евра
„Вертфен“ моментално го гради крузерот „Златен сон“ (Golden Dream), вреден 1,5 милијарди евра, но не успеа да обезбеди пари за завршување на бродот. „Гентинг Хонг Конг“ ги купи бродоградилиштата во Росток, Висмар и Штралзунд во 2016 година за потребите на сопствената флота. Во тоа време секторот за крстарења беше во подем.
Азиската туристичка групација организира крстарења под брендовите Стар крузерс, Дрим крузерс, Кристал крузерс и Ресорт Манила. Компанијата е поддржана од „Гентинг Груп“, конгломерат на малезискиот казино магнат и милијардер Лима Кок Таја.
„Гентинг Хонг Конг“ во 2020 година забележа загуба од 1,72 милијарди долари, а во првата половина од минатата година ја намали за 231 милион долари.