Неодамна избраниот градоначалник на Калесија, град во БиХ, Сеад Џафиќ одлучил во четиригодишниот мандат да работи без надомест, односно градоначалничката плата во износ од 2.485,76 КМ (1.243 евра) ќе ја дели на своите сограѓани на кои им е потребна финансиска помош.
Откако ја доби првата градоначалничка плата, Џафиќ одлучил веднаш да ја подели, до последната марка.
Првите 800 КМ (400 евра) отишле во рацете на Елвир Чајтуновиќ за нова инвалидска количка, а 500 КМ (250 евра) се издвоени за Основното училиште во Калесија и тоа за набавка на маса за пинг-понг.
Двајца ученици и двајца студенти од подрачјето на оваа општина добиле по 100 КМ (50 евра), додека останатиот дел од платата е одвоен за лица кои земаат социјална помош.
„Јас сум скромен човек. Од 1988 година се занимавам со приватен бизнис. Се наоѓам во средина каде луѓето тешко живеат и едноставно хуманоста преовладуваше во мене. На ваков начин се одлучив да им помогнам на оние на кои помошта навистина им е потребна. Не сум првиот кој нешто вакво направил, но сум еден во низата“, вели Џафиќ.
Џафиќ истакнува дека до крајот на четиригодишниот мандат ќе се одрекува од паричната надокнада, односно на градоначалничката плата.
„Ветив дека својата плата во текот на целиот свој мандат ќе ја делам на моите сограѓани и своето ветување и ќе го исполнам. Парите ќе бидат доделувани на најсиромашното семејство, најдобар осмооделенец, средношколец и студент, на оние кои добро учат, а се од сиромашни семејства“, истакна Џафиќ.
Предлозите за доделување на донациите на градоначалникот Џафиќ му ги доставуваат претставниците на месните заедници кои дејствуваат на подрачјето на Калесија, но доколку е нешто итно можат и нему лично да му се обратат.