Полека но сигурно, Прилеп прераснува во град на апсурдите. Последниот во низата е веројатно и најголемиот: изминатите неколку денови, точно на пладне, Градскиот саат ја свири химната на Република Македонија!
Во првите денови граѓаните на Прилеп со неверување подзастануваа пред познатата Саат кула, со свои уши да се уверат во најновата бесмислица во режија на градските власти. Збунети беа и дуќанџиите од Старата прилепска чаршија.
Велат, не знаеле како да се однесуваат кога ја слушнале македонската химна: дали да стојат мирно, или пак да продолжат со извршувањето на обврските? Сега, една недела подоцна, химната не ја ни забележуваат. Ниту тие, ниту нивните муштерии, уште помалку пак случајните минувачи.
Кои се причините заради кои секој ден во 12 часот Градскиот саaт ја свири државната химна? По чија иницијатива се случува тоа? Дали свирењето на химната е во согласност со Законот за употреба на грбот, знамето и химната на РМ?
Ова беа прашањата кои ги упативме до прилепската локална самоуправа.
Доследни во својата нетранспарентност, градоначалникот Марјан Ристески и неговите соработници не чувствуваа потреба да дадат одговори во интерес на пошироката јавност. Покрај поставените и неодговорени прашања, граѓаните сигурно ги интересира кој ја донел одлуката од Градскиот саат да се шират звуците на државната химна? Зошто тоа се случува токму сега, во време на најголемата политичка и институционална криза во Република Македонија? Која е пораката која преку секојдневното интонирање на химната им се испраќа на граѓаните?
Ако не заради друго, тогаш од причина што градоначалникот Ристески и ВМРО-ДПМНЕ 12 години во континуитет раководат со Општината, требало да знаат дека прилепската Саат кула претставува споменик на културата, што значи дека за било какви “експерименти“ со неа потребни се посебни согласности од надлежните институции.
Освен тоа, постои и Закон за употребата на грбот, знамето и химната на Македонија во кој е точно прецизирано кога, односно по кој повод може да се изведува химната.
Истовремено, во чл.29 од Законот е предвидено како треба да се однесуваат присутните за време на нејзиното изведување: „При изведувањето на химната на Република Македонија сите присутни стојат во став мирно од свирењето, односно пеењето на првиот тон па сѐ до последниот тон на химната, свртени со лице кон изведувачите на химната“. Од видео снимката направена за време на свирењето на химната, може да се види дека однесувањето на граѓаните на Прилеп е сосема спротивно од она што законодавецот го предвидел, за што тие се најмалку виновни.
Во прекршочните одредби од Законот за употребата на грбот, знамето и химната на Македонија, за правното лице кое ја изведува химната во поинаква форма и содржина од онаа утврдена со истиот Закон предвидена е глоба во висина од 4.000 до 5.000 евра.
Градскиот саат, односно прилепската Саат кула изградена во периодот 1825-1826 година, над влезната врата има натпис со арапски букви кој преведен на македонски јазик значи: „Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и времето што минува саатот жали и вика „Ах“.
Пишува: Зоран Милошески
(publikum.mk)