Поранешниот премиер Никола Груевски не се појави во затворот во Шутка во текот на ноќта, иако најупорните новинарски екипи го чекаа до раните утрински часови.
Како што извести Цивил Медиа, целата јавност будно ја следи ситуацијата пред затворот во Шутка каде цела ноќ, како да се води своевидна игра со нервите меѓу новинарските екипи и правосилно осудениот Груевски веќе требаше да се појави во затворот. Но, тој исчезнал и нема никаква трага од него.
Новинарите, повикувајќи се на неофицијални информации се сомневаат дека Груевски не сака да го избегне затворот, туку камерите.
Но, новинарите се одлучни да не му дозволат на Груевски да влезе во Шутка незабележано. И во часовите доцна по полноќ, 3-4 новинарски екипи стојат пред влезот на затворот Шутка, а до полноќ бројот на телевизиските екипи беше над десет. Уште толку екипи беа од печатените медиуми и порталите. Наспроти ниските температури и стоењето на нозе повеќе од 6 часа, снимателите и новинарите се одлучни да ја поминат целата ноќ пред затворот Шутка за да го пречекаат Груевски да го снимат како влегува во затворот во кој тој испрати многумина свои неистомисленици додека владееше со Македонија, објави Цивил Медиа во 4 сабајлево.
Според неофицијални информации, судски курир три пати во текот на вечерта одел во домот на Груевски, но не го наоѓал таму. Поканата веројатно ќе му биде доставена во понеделник кога е на рочиште за случајот Титаник.
Во Шутка во раните утрунски часови пристигна Орце Камчев и останатите осомничени во новиот случај на СЈО, Империја, кои добија 30-дневен притвор.
(Фото: Цивил Медиа)