„Европа мора да ги одржи ветувањата и не треба да има доцнење во пристапниот процес за Северна Македонија и Албанија“, порача алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милитиадис Варвициотис, на панел дискусијата од Делфи Форумот во Атина, на која учествуваше заедно со Никола Димитров.
Варвициотис истакна дека тие не се согласуваат со евентуално одвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ и дека „со приклучувањето на Албанија и Северна Македонија во ЕУ, Грција конечно ќе има копнени граници со други земји-членки“, пренесе МИА.
„Важно е процесот да почне веднаш за сите земји кандидати. Ние не сме расположени да прифатиме никакво одвојување меѓу Северна Македонија и Албанија, ова го гледаме како катастрофален пристап за регионалната стабилност“, порача алтернативниот шеф на грчката дипломатија и додаде дека новиот процес на проширување од минатата година, „треба да биде веродостоен процес и треба да биде побрз процес во споредба со стариот“.
(Фото: МИА)