Негативното влијание на пандемијата и локдаунот на менталното здравје сеуште е неистражен проблем. Често може да се слушне дека, како последица на пандемијата, бројот на самоубиствата низ светот е во пораст. Но, дали е навистина така.
Стапките на депресија навистина скокнаа во Америка, според истражување од септември минатата година: додека во анкетите пред пандемијата околу 9 отсто од испитаниците пријавувале депресивни симптоми, тој процент лани скокнал на дури 28%, според психолошкото истражување објавено во медисинското списание „JAMA Network Open“.
Детскиот правобранител во Англија, Ани Лонгфилд, во јануари предупреди дека службите за менталното здравје на младите не успеваат да ја задоволат побарувачката во текот на пандемијата и дека благосостојбата на децата стана итна национална состојба.
Противниците на строгите епидемиолошки мерки и локдаунот често го истакнуваат токму растот на менталните заболувања и самоубиства како непредвидена штетна последица која ја доведува во прашање оправданоста на таквите мерки.
Многу експерти за јавно здравје очекуваа дека со порастот на депресијата ќе порасне и стапката на самоубиства. Тоа, меѓутоа, не се случи – барем не според досегашните сознанија. Дури, две нови студии сугерираат дека бројот на самоубиства дури и се намали, барем во првите месеци од пандемијата.
Првата од овие две студии, објавена во списанието „JAMA“ на 31 март, утврдила дека стапката на самоубиствата благо се намалила во САД од 2019 до 2020-та, и тоа за 5,6 проценти, барем според прелиминарните податоци кои би можело да се сменат откако во целост ќе биде завршена анализата, како што истакна Роберт Андерсон, шефот на Одделот за статистика на смртноста во американскиот Центар за контрола и превенција од болести.
Исто така, во истата студија е утврдено дека околу 10 отсто од испитаниците сериозно размислувале за самоубиство во последните 30 дена – двојно повеќе отколку во 2018 година.
Втората студија, објавена во медициското списание „Lancet Psychiatry“ на 13 април, е многу поширока и опфаќа податоци од дури 21 земја, градови, сојузни држави или провинции, со анализа на податоците за самоубиства од 1 април до 31 јули 2020-та.
Во повеќето од нив (во 12 од 21), од Јапонија и Нов Зеланд до Полска и Еквадор, воочен е пад на стапката на самоубиства во однос на очекуваната, односно на предпандемиските бројки.
Една од земјите кои се анализирани во оваа студија е и Хрватска. Во неа, меѓутоа, бил забележан благ раст на бројот на самоубиства: во периодот од 1 април до 31 јули биле евидентирани 190 самоубиства, наместо 178 очекувани.
А, кога анализираниот период се продолжил до 31 октомври, утврдениот пораст на самоубиства бил – 374 забележани во однос на 307 очекувани.
Споредбено, Полска имала благ пад, со 1841 забележани самоубиства спрема 1932 очекувани. Чиле, исто така, имаше пад (471 во споредба со 551), како и Естонија (64 наспрема 77).
Во секој случај, главниот автор Џејн Пиркис, директорка на Центарот за ментално здравје на Универзитетот во Мелбурн во Австралија, предупредува дека „сликата не е ниту потполна, ниту конечна, но служи како најдобар достапен доказ за досегашното влијание на пандемијата на самоубиствата“, пренесе АБЦ Њуз (ABC News).
„Прерано е да се каже какво ќе биде влијанието на ковидот на самоубиствата“, смета др. Панагјота Коренис, форензички психијатар во Њујорк и додаде дека тие последици веројатно во целина ќе ги видиме во скора иднина.
Имено, би можело да се покаже дека релативно добрата состојба во првите месеци на пандемијата, за која авторите на студијата од „Lancet“ за заслужни ги сметаат солидарноста во локалната заедница и државната финансиска и јавноздравствената помош, ќе се влошува ако пандемијата трае подолго.
„Во некои случаи ковидот навистина го инспирираше најдоброто во нас, но за многу луѓе овие моменти испарија во емоционалната исцрпеност“, вели др. Коренис.
И навистина, Јапонија е пример за земја во која трендот на самоубиства се „сврте“. Стапката на самоубиства во јули и октомври порасна за 16 отсто во однос на истиот период од пред една година, што е голем пресврт во однос на февруари и јуни кога беше во пад од 14 отсто, покажува студијата која ја подготвија експерти од Универзитетот за наука и технологија во Хонгконг и токискиот Градски институт за геронтологија.
„Пандемијата значително влијае на психолошкото здравје на децата, адолесцентите и жените, посебно на домаќинките“, напишаа авторите во студијата објавена во списанието „Nature Human Behaviour“. Прелиминарните податоци би можеле да се сменат во дополнителната анализа.
Оттаму, научниците нагласуваат дека секако ќе биде потребно понатамошно следење на ситуацијата со самоубиствата ширум светот.
„Мораме да продолжиме да ги следиме податоците и да бидеме внимателни и подготвени за можно зголемување на самоубиствата, посебно за тоа како се манифестираат последиците од пандемијата. Политичарите би требало да го препознаат значењето на висококвалитетните и правовремените податоци при поддржата на напорот за превенција од самоубиствата и би требало да работиме на сузбивањето на факторите на ризик од нив поврзани со ковид-19, како што се зголемениот стрес и финансиските тешкотии кои некои луѓе ги имаат заради пандемијата. Зголемувањето на бројот на служби за ментално здравје и програми за превенција од смоубиство, како и пружање на финансиска сигурносна помош, може да спречи долгорочни штетни последици од пандемијата по прашањето на самоубиствата“, заклучи главната авторка Пиркис.