Данска вчера го укина задолжителното носење маски на речиси сите јавни места, а германскиот министер за здравство, исто така, заговара постепено укинување на маските.
Данската влада и повеќето парламентарни партии се договорија дека ќе ги укинат правилата кои беа на сила со месеци наназад.
Данците сега мораат да носат маски само во јавниот превоз, кога не седат.
Задолжителното носење маски најверојатно ќе биде укинато до 1 септември.
Рестрикциите во Данска постепено се укинуваат од пролетва. Отворени се речиси сите јавни места, освен ноќните клубови, кои според најавите ќе се отворат во септември.
Бројот на новозаразени малку порасна кога попуштија правилата, но не толку драматично, и во последните неколку денови повторно се намали.
Во неделата беа потврдени само 315 новозаразени, најмалку досега од февруари годинава, иако се тестираа помалку луѓе од вообичаено.
Според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, Данска има инциденција од 215 заразени на 100.000 жители во последните две недели, највисока во европското економско подрачје.
Германскиот министер за здравство се залага, исто така, за постепено укинување на обврската за носење маски.
„Падот на бројот на новозаразени во Германија значи дека задолжителното носење маски на јавни места би можело да се укине“, рече министерот Јенс Шпан, во изјава која во понеделникот ја пренесе локален весник.
„Кон тоа треба да пристапиме постепено, во склад со падот на инциденцијата“, рече тој. Патем додаде дека на почеток може да се укине обврската за носење маски на отворено.
Шест месеци после почетокот на кампањата за масовна вакцинација речиси половина од популацијата примила барем по една доза. Двете дози ги примиле 25,7 отсто од населението.
Во последните 24 часа бројот на новозаразени е 549, според податоците на Институтот „Роберт Кох“, што е првпат во повеќе од осум месеци бројот на новозаразени да е помал од 1.000 во еден ден.
(Фото: ЕПА)