Данска одлучи да протера 15 руски дипломати поради извештаите за масовни гробници и убиства на цивили во Буча, изјави денеска данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод.
Да потсетиме, Украина ја обвини руската армија дека „свесно извршила колеж“ во Буча, каде што по повлекувањето на руските војници беа пронајдени масовни гробници и стотици тела.
Портпаролот на украинскиот претседател, Серхи Никифоров, за Би-Би-Си изјави дека Русите во Буча оставиле пустош.
„Најдовме масовни гробници. Најдовме луѓе со врзани раце и нозе со траги од куршуми во главите испукани одзади“, изјави Никифоров за Би-Би-Си. „Јасно е дека тие биле цивили и дека се егзекутирани. Се чини дека тоа се воени злосторства“, рече тој.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, за неделното издание на германскиот весник „Билд“ изјави дека „она што се случи во Буча и околината на Киев може да се опише како геноцид“.
И Германија и Франција, исто како и Данска, протераа руски дипломати. Германските власти вчера им го откажаа гостопримството на дури 40 дипломатски претставници на Русија, поради масакрот во Буча.
Аналена Баербок, германската министерка за надворешни работи, рече дека потегот е одговор на „неверојатната бруталност на руското раководство и на оние кои ја следат неговата пропаганда“.
Истото го направи и Франција, која вчера објави дека има намера 35 руски дипломати чии активности се спротивни на нејзините интереси да ги прогласи за „персона нон грата“.
„Потегот е дел од европскиот пристап“, се вели во соопштението на Министерството.