Најмалку две лица загинаа, а повеќе се ранети, во терористички напад вчера вечерта во израелскиот град Хадера, на северот на државата, соопштија спасувачките служби и полицијата, од каде што информираа дека ги убиле напаѓачите.
„Двајца Израелци се убиени во напад во Хадера, меѓу Тел Авив и Хаифа“, рече во кратката порака Маген Дејвид Адом, од израелската организација што е пандан на Црвениот крст, кој истакна дека примил шест лица со повреди поврзани со тој напад.
Новинската агенција АФП информира дека загинале двајца припадници на полицијата.
„Двајца терористи пукаа во полицајците, но погодија двајца минувачи“, соопшти израелската полиција, додавајќи дека специјалните полицајци ги убиле напаѓачите.
На снимките од надзорните камери во Хадера кои ги објавија израелските медиуми, се гледа како двајца пукаат од автоматско оружје на улица каде што се движат возилата, а потоа одат кон тротоарот.
Новинар на АФП видел труп како лежи на земја во Хадера, на местото на настанот.
Нападот се случува во моментите додека Израел два дена е домаќин на самит на кој присуствуваат министрите за надворешни работи на САД, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Мароко, во населба во пустината Негев на југот на земјата.
Двајца мажи и две жени минатата недела загинаа во напад со нож и во намерен налет на автомобил во најголемиот град во пустината Негев.
Властите го идентификуваа напаѓачот како Мохамед Абу ал Кијан, учител во бедуинскиот град Хури, во Негев. Во 2016 година Ал Кијан бил осуден на четири години затвор затоа што планирал да оди во Сирија да се бори во редовите на џихадистичката група „Исламска држава“ и затоа што ја величал.
(Фото: АФП)