Соединетите Американски Држави денеска признаа дека нивните разузнувачки агенции одамна имаат две теории за тоа од каде потекна ковид-19, како извор на глобалната пандемија, една според која тој потекнува од контакт на луѓе со заразени животни и друга за можна несреќа во лабораторијата во Вухан.
„Засега не се знае точно каде, кога и како првобитно е пренесен корона вирусот, но нашето внимание е фокусирано на две многу веројатни сценарија“, соопштија од канцеларијата на директорката на националните разузнувачки служби на САД, додавајќи дека поголемиот дел од нив веруваат дека „нема доволно информации за донесување конечна одлука за тоа кое сценарио е поверојатно“.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека американските разузнувачки служби се поделени по прашањето за потеклото на вирусот, дали тој премина од заразени животни на човек или се работи за извесен пропуст во лабораторија.
Бајден рече дека бара и продолжување и проширување на истрагата за избивање на пандемијата со ковид-19.
(Фото: ЕПА)