Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски во својство на оштетен денеска во 10 часот, ќе се јави во Основниот Суд „Скопје 1“ – Скопје за да сведочи во врска со кривичниот предмет за демолирањето на општината и нарачаните шамари врз него, информираат од општината Центар.
Во Кривичниот суд ќе продолжи судскиот процес за нарачување и извршување насилство во општина Центар. Обвинети се 14 лица од кои пет лица како поттикнувачи, а останатите како директни извршители на насилството.
Првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, а обвинети се и ексминистерот Миле Јанакиески и поранешната советничка во Општина Центар, Даниела Рангелова.
Според обвинението, Груевски во случајот е нарачател на насилството, а Јанакиески прифатил преку партиски членови да го спроведе насилството врз градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и членовите на општинскиот совет.
На претходното рочиште, обвинетите не се појавија, а судијката Татјана Михајлова рече дека предметот ќе биде пратен во Апелација и дека обвинетите не доставиле образложение зашто не дошле.
Тогаш требаше да почне главната расправа од судењето, но во судницата беа само специјалните обвинителки Катица Јанева и Фатиме Фетаи и тројца адвокати на обвинетите.
Судијката го одложи судењето велејќи дека се уште не е одлучено по жалбите на Специјалното јавно обвинителство, без да прецизира за кои жалби станува збор. За денешното рочиште беше најавено дека ќе бидат повикани над 20 сведоци, главно советници од општината. Прв сведок е Жерновски.
На претпоследното рочиште судијката Михајлова го прекина рочиштето, откако ги казни обвинителките од Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева и Фатиме Фетаи со по 2.000 евра поради „елементарно непочитување на судот“.
Фетаи и Јанева ја обвинија судијката за фалсификување на записникот од претходното рочиште.