Овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за литература, американскиот кантавтор Боб Дилан, ќе одржи концерт во Стокхолм следната година, кога најверојатно ќе одржи и говор по повод доделувањето на признанието, соопшти денес Шведската академија.
Во соопштението на академијата се наведува дека е „извесно“ дека Дилан ќе одржи концерт во Стокхолм и дека тоа „ќе биде совршена прилика да одржи и свечен говор“.
Секретарката на Академијата, Сара Данијус, изјавила за шведското радио дека Дилан може „да го прочита, спонтано да го изложи својот говор или да прикаже филм“ и додала дека правилата на Нобеловата фондација за формата на говорот се „флексибилни“.
Дилан (75) неодамна рече дека поради обврски нема да може да присуствува на церемонијата за врачување на Нобеловата награда на 10 декември.
На американскиот кантавтор Нобеловата награда за литература е доделена на 13 октомври за „творење на нови поетски изрази во рамки на американската поетска традиција“.