Властите во Велика Британија ги предупредија граѓаните кои планираат да ја посетат БиХ на можност од терористиочки напад.
Во предупредувањето на британската влада се наведува дека нападите можат да бидат направени во места кои се посетени од странци.
Се предупредува и на можноста од напад на терористи на верски објекти, јавува агенцијата Срна.
Босна и Херцеговина секоја година ја посетуваат над 9.000 Британци.
Постои веројатност терористите да извршат нов, трет по ред, терористички напад во оваа земја, по ранувањето на полицаец во Зворник, во април 2015-та, и убиството на двајца и ранувањето на тројца припадници на вооружените сили на БиХ во Рајловац, близу Сараево, во ноември истата година – се наведува во документот објавен на страницата за информирање на владата на Велика Британија.
Дополнително се укажува и дека минските полиња сеуште претставуваат опасност, особено во изолираните селски подрачја и на планините.
Со појавата на поплавите и клизиштата во претходните години, минските полиња се поместени, а знаците кои предупредуваат на опасност се уништени, наведува британската влада.
Стапката на криминал насочен кон странски државјани е во суштина ниска, но треба да се чувате од џебчии во градовите и во возилата на јавниот превоз. Посебно внимание треба да се обрати на местата кои се популарни меѓу туристите, се советуваат Британците кои планираат да патуваат во БиХ.
Британските власти исто така напоменуваат дека европската здравствена книшка не ја почрива БиХ и им препорачуваат на своите граѓани пред да тргнат во оваа земја да набават патничко и здравствено осигурување, кое вклучува и евакуација со санитетски хеликоптер.