Четири лица загинаа, а најмалку 20 се повредени во денешниот напад пред британскиот парламент и на Вестминстер мостот во центарот на Лондон.
Меѓу загинатите се и еден полицаец и напаѓачот.
Полицијата, која случајов го третира како „терористички инцидент“ смета дека во нападот учествувал еден напаѓач.
https://www.youtube.com/watch?v=jIhbppB50HA&feature=youtu.be
Медиумите претходно јавија дека можеби постојат двајца напаѓачи.
Една жена е извлечена жива од Темза после нападот, соопштија од лондонското пристаниште. Од падот во реката се здобила со потешки повреди, јавува Ројтерс.
Британската премиерка Тереза Меј изрази свое жалење поради нападот кај парламентот и сочувствува со повредените и со семејствата на загинатите во нападот, соопштија од нејзиниот кабинет.
„Мислите на премиерката и на Владата се за загинатите и повредените во овој ужасен инцидент и нивните семејства“, се вели во соопштението од Даунинг стрит.
Премиерката Меј постојано е во тек со информациите за нападот и во текот на ноќта ќе претседава со Комитетот за вонредна состојба и безбедност.
Американскиот претседател Доналд Трамп разговараше денес по телефон со британската премиерка Тереза Меј за случувањата во центарот на Лондон.
Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, го осуди нападот пред британскиот парламент и изрази сочувство на семејствата на настраданите.
„Ги осудуваме сите видови на насилство, без оглед на тоа дали ги извршуваат проблематични поединци или терористи, за жртвите нема разлика“, се наведува во неговото соопштение.
Истовремено американското Министерство за внатрешни работи соопшти дека е во блиски контакти со британските колеги.
Нивото на безбедност во САД засега не е променето, но љујоршката полиција ги засили мерките на претпазливост на локациите каде што се наоѓаат објекти поврзани со Велика Британија.
Шкотскиот парламент ја прекина денес дебатата за поддршка на владата да побара нов референдум за независност после нападот во Лондон.