Воените сили во Судан уапсија рано утринава повеќе владини функционери од таа земја, извести телевизијата Ал Хадат.
Еден од уапсените е советникот за медиуми на суданскиот премиер Абдал Хамдок, навеле неименувани извори за Ројтерс.
Интернетот во Картум, престолнината на Судан, е во прекин информираше британската агенција повикувајќи се на очевидци.
Телевизијата пренесува дека премиерот Хамдок е ставен во куќен притвор, откако војската утринава пред зори ја опколиле неговата куќа.
Војската, како што се вели во телевизискиот прилог, уапсила четири министри, еден член на владеачкиот Суверен совет и неколку гувернери на држави и шефови на политички партии.
Судан е на работ на граѓанска војна после неуспешниот државен удар од минатиот месец, кој повторно покрена обвиненија меѓу војската и цивилните групи кои требало да ја поделат власта после рушењето на поранешниот лидер Омар ал-Башир во 2019 година.
Башир е сменет и затворен после повеќемесечни улични протести, а политичката транзиција договорена после неговото рушење требало да доведе до одржување на избори до крајот на 2023 година.
Со оглед на тоа дека напнатостите ескалираа овој месец, коалицијата на бунтовничките групи и политичките партии и се придрижи на војската, а приврзаниците на војската организираа акција пред претседателската палата, повикувајќи се на распуштање на цивилната влада.
Истовремено, неколку министри во владата минатата недела учествуваа во големите протести организирани во неколку делови на Картум и други градови против можното воено превземање на власта.