Европската комисија, Европскиот парламент и Советот постигнаа политички договор за воспоставување и финансирање на бесплатен безжичен интернет низ цела Европска унија.
До 2020-та бесплатниот безжичен интернет треба да биде достапен на плоштадите, во парковите, библиотеките, болниците и другите отворени и затворени јавни простори во сите земји членки на ЕУ.
„Wi-Fi4EU иницијативата допринесува на нашата визија секое европско село и град во своите центри од јавен интерес да имаат безжичен интернет до 2020 година“, изјави претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.
Постигнатиот договор на трите ЕУ институции подразбира издвојување на 120 милиони евра за финансирање на опрема за безжичен интернет во 6.000 до 8.000 општини ширум унијата.
Кога системот ќе биде поставен, локалните власти кои ќе сакаат да понудат бесплатен интернет во областите каде што слична јавна или приватна понуда се уште не постои ќе можат да поднесат барање за финансирање низ едноставен процес, се наведува во документот од Европската комисија.
„Дигиталната стратегија на единствениот пазар има за цел да изгради потполно поврзана Европа каде што секој ќе има пристап до високо квалитетна дигитална мрежа. Wi-Fi4EU ќе ја подобри поврзаноста токму на местата каде што интернетот беше ограничен. Ова е прв чекор кон воспоставување на брзи врски и мрежи со висок капацитет на целата територија на Европската унија“, нагласи потпретседателот не Европската комисија задолжен за дигиталниот пазар, Андрус Анснип.
Иницијативата Wi-Fi4EU ја најави во 2016-та година претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер како дел од амбициозниот ремонт на телекомуникациските правила на ЕУ што вклучува и растечка потреба од поврзување на Европјаните, како и јакнење на конкурентноста во унијата.