Годината во која го славиме 85. роденден беше полна со неизвесност и предизвици, но наш императив е да изградиме компанија во која луѓето ќе бидат задоволни и ќе ги вложат своите потенцијали за заеднички успех, вели генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, во интервју за српскиот магазин „Недељник“.
Тој потсетува дека Србија седум и пол децении е дел од приказната на „Алкалоид“.
„Србија е првата земја надвор од македонските граници каде што компанијата разви сопствено производство и големопродажба, во која се вработени 145 луѓе. Производствената програма на ‘Алкалоид‘ во Србија опфаќа над 160 производи од областа на фармацијата, а би го спомнал и нашиот бренд ‘Бекутан‘, со кој пораснале и растат генерации во регионот“, вели Мукаетов.
Мукаетов истакна дека 65% од пласманите на компанијата денес се наменети за извоз.
„Овој однос беше обратен пред две децении во корист на домашниот пазар. Задоволството е навистина големо кога ќе го видам логото на ‘Алкалоид‘ (Made in Macedonia) на полиците на ексклузивните продавници во Северна Америка. Канада, Италија, Австрија, Шпанија и Португалија се некои од нашите нови пазари во последните неколку години. Глобализацијата на брендот ‘Алкалоид‘ е она на што планираме да останеме фокусирани“.
Покрај развој на бизнисот, „Алкалоид“ останува посветен и на инвестирањето во заедницата.
„‘Алкалоид‘ и Фондацијата ‘Трајче Мукаетов‘ лани донираа над 1,2 милиони евра, од кои околу 300.000 во земјите од регионот, вклучително и Србија“, изјави Мукаетов.