Повеќе од три милиони луѓе во Америка и неколку десетици илјади купувачи во Канада станаа жртви на кражба на податоци кои ја спроведоа хакери компромитирајќи систем на еден надворешен партнер на „Фолксваген“.
Компанијата „Фолксваген“ потврди дека нивната подружница во Америка, која собрала податоци од клиенти за потребите за макретинг и онлајн продажба, била жртва на хакерски напад, при што анонимни хакери од нејзиниот систем украле податоци на повеќе од 3,3 милиони луѓе, пренесе Ројтерс.
Станува збор за податоци кои вклучуваат имиња, телефонски броеви, мејлови и адреси на живеење, а во одреден број случаи и ВИН броевите на нивните автомобили, како и броевите на возачките дозволи и броевите на социјалното осигурување, што во САД се особено чуствителни податоци.
Украдените податоци се однесуваат на купувачи на возила од програмите на „Фолксваген“ и „Ауди“, како и на оние кои ги контактирале овие компании интересирајќи се за можна набавка на возила.
Од компанијата „Фолксваген“ соопштија дека веќе стапиле во контакт со околу 90 илјади клиенти на кои им се украдени најчуствителни податоци и им била понудена бесплатна помош во заштитата.
Кражбата се случила во периодот меѓу август 2019 и мај 2021 година, а освен во САД компромитирани се и неколку десетици клиенти од Канада.
Од „Фолксваген“ не информираат за кој добавувач станува збор.