„Првичните, неофицијални, резултати од предвремените парламентарни избори што ги објави Државната изборна комисија, внесоа забуни кај граѓаните. Да оставиме комисијата да си ја заврши работата. Факт е дека има несогласување меѓу извештаите направени на избирачките места и резултатите објавени од ДИК, рече Зоран Заев на денешната прес-конференција.
Заев посочи дека има направено грешка при пребројувањето на гласовите, дека гласовите испратени од општинските изборни комисии не се исти со оние од Државната изборна комисија и дека во тек е проверка што, според неговото кажување, ќе донесе сосема поинакви резултати во добиените мандати.
Патем, напомена дека никој нема да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, дека Никола Груевски неможе и не смее да направи влада и ги повика сите парламентарни партии освен ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат мнозински изразената волја на граѓаните.
„Народот одбра живот во Македонија. Народот јасно и гласно кажа што сака. СДСМ има поголем број на мандати во ИЕ 6, со што соодносот на добиени мандати е 50-50. Поради констатираните нерегуларности за кои известија и набљудувачите, ќе поднесеме приговори, вистинската слика ќе ја дадат конечните резултати, рече Заев.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев повторно потсети дека синоќешните резултати се само прелиминарни.
„Сакам да повикам мудро, одлучно, одважно да ја почитуваме мнозинската желба за живот наместо режим. Мнозинството граѓани се изјаснија дека не сакаат криминалци да владејат. Заедно постигнавме резултат за кој што ќе се пишува во учебници. Поразивме режим со пенкало, ја обединивме мултиетничка Македонија. Граѓаните го поразија Груевски. Доаѓа живот во Македонија“, рече Заев.