„Грција е еден од најпосветените наши пријатели за нашата ЕУ перспектива“, истакнува претседателот на македонската влада, Зоран Заев, во интервју за МИА и открива дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис развил неколку позитивни идеи кои би можеле да помогнат за тргање на бугарската блокада.
Вчера, говорејќи на Делфи економски форум, Заев изрази оптимизам дека ќе најдеме решение со Бугарија, но додаде дека ни треба помош од Грција, а четири часа подоцна, на средбата со неговиот грчки колега, веќе добил конкретни идеи од Мицотакис.
Македонскиот премиер вели дека грчката страна покажала дополнителна креативност, „на многу пријателски начин, на многу прагматичен начин“, а за блокадата од Софија коментира дека тоа е проблем и предизвик, не само за нас, туку и за Европската Унија, а и за Бугарија и за Грција како земји-членки.
Заев денеска ја завршува посетата на Атина, а освен за продлабочување на политичките односи, оствари низа средби и за продлабочување на економските врски и економската соработка.
Тој истакна дека има големи проекти што се во финална фаза и соработки што треба да започнат затоа што, и покрај пандемијата, заедно со соработниците цела есен и зима работеле на многу работи кои можат и треба да се развиваат.
Вели дека верува оти ќе се најде некое решение со Бугарија, затоа што проблемот не бил од таква природа каде што би можел да биде пречка, имајќи предвид дека допрва се отвораат 35 поглавја и на отворање и на затварање се носат одлуки од сите земји- членки. Така што бил уверен дека намалените тензии и кај нас и во Бугарија ќе помогнат во целиот тој дел.
Но, посочи, дека ни треба помош од сите пријатели во Унијата, а премиерот Мицотакис
развил интересни, пред се, креативни идеи, за кои сега не било време да се зборува или да се даваат какви било коментари во врска со нив.
(Фото: МИА)