„Нема ниту план Б, ниту алтернатива за Европската унија. Самото пристапување кон Унијата значи европеизација на Северна Македонија. Не сакаме да бидеме членка само заради членството во ЕУ, ние сакаме да бидеме членка заради европеизацијата на земјата која ќе се случува низ отворањата и затворањата на поглавјата и да ја донесеме Европа во Северна Македонија“, вели премиерот Зоран Заев во интервју за МИА.
Тој нагласува дека посакува на 22 јуни да нема вето од Софија, односно Советот за општи работи на Унијата да донесе одлука за официјален старт на преговорите, но и ако не се постигне решение, барем да ги заокружиме дискусиите и да чекаме политичка влада во Бугарија.
„На 11 јули имаат избори, после тоа се формира влада, политичка влада која што навистина ќе ги продолжи преговорите и конечно најде решение. Тоа можеме да го направиме и во септември, октомври, и во декември оваа година. Важно е граѓаните да ја знаат реалноста, затоа што навистина не сме далеку, ниту е проблемот нешто посебен. Јас често пати кажувам дури и дека е смешен. Но, проблем е што нема парламент и нема политичка влада заради што не можат да се донесат одлуки“, вели премиерот.
Заев нагласува дека во рамките на тие напори до крајот на оваа недела ќе ја посети Софија.
„До крајот на оваа недела ќе направиме официјална посета на Софија каде што со претседателот Радев, со премиерот Стефан Јанев и со сите нивни министри ќе седнеме и ќе ги разглобиме до крај сите детали“, истакна тој.
Ние сме, вели, мала земја и сакаме пријателство со сите. Нашата држава, посочува, е целосно на линија на развиените демократии, оти кај нас за разлика од нашите соседи на Западен Балкан, немало договори во четири очи, затоа што кај нас компетитивноста и европското законодавство биле императив.
(Фото: МИА)