„За нас е многу важно што земјите–членки на Европската унија, меѓу кои и Франција, го поддржуваат процесот на интеграција во Унијата. Пред нас е Самитот на Европскиот Совет во јуни, вистинска можност за чекор напред и за решение кое ќе ја оттргне блокадата на нашиот европски пат. Дијалогот носи решенија, а најважното просперитетно решение сега за нас е решението за почеток на преговорите, одобрен од сите земји што се членки на ЕУ“, порача премиерот и предводник на СДСМ, Зоран Заев во обраќањето на првата од караванот трибини „Најдоброто за нашата општина“.
Тој се осврна на актуелната состојба со процесот на евроинтеграциите и надминување на нелогичните блокади на патот кон Унијата.
„Ви носам поздрави од Париз, од главните градови на цела Европа, преточени поздрави во силна и искрена поддршка за нашата татковина чиј главен град е ова наше убаво Скопје! Скопје е гордо и почитувано кога Северна Македонија е горда и почитувана“, рече Заев.
Заев, меѓу другото, истакна дека државата направила се што треба во процесот на реформи и исполнување на критериумите и дека сега на ред е Европската Унија.
„Направивме се, сработивме, ги исполнивме сите критериуми, на ред е ЕУ да испорача. Подготвени сме за билатерален дијалог кој ќе донесе разумен и взаемно прифатлив договор во рамките на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Секако прашањата за македонскиот јазик и идентитет не се и не може да бидат на која било маса. Се бориме за иднината на земјата и ќе направиме се за неа. Да се бориш за својата земја, за својот народ, за својат град и општина, е привилегија, чест и одговорност“, заклучи лидерот на социјалдемократите, Зоран Заев.