„Можноста да разговараме со потпретседателот на САД, Мајк Пенс доаѓа во клучен историски момент за Република Македонија. Од потпретседателот Пенс добивме пораки на охрабрување за одговорноста и одлучноста при постигнувањето на Договорот од Преспа.
„На средбата беше истакнато дека со Договорот го обезбедуваме заслуженото место во евроатлантските структури. Со тоа го осигуруваме мирот, стабилноста и просперитетот за нашите граѓани“ напиша премиерот Зоран Заев на својот ФБ профил.
Прес-службата на Владата соопшти дека Пенс на средбата со Заев пренесе пораки и од претседателот на САД Трамп за поддршката на Вашингтон за покажаната храброст и лидерство за спроведување на неопходните реформи во земјата и за постигнатиот Договор со Грција што го отворија патот за членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ.
Потпретседателот Пенс нагласи дека Белата куќа ја охрабрува и ја споделува визијата на Република Македонија да биде демократска, просперитетна земја членка на НАТО и ЕУ.
Во текот на разговорот, премиерот Заев рече дека Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО и дека граѓаните препознаваат дека од нивната одлука на референдумот поканата за НАТО што ја добивме во Брисел ќе се преточи во протокол за пристапување и процес за ратификација на нашето пристапување во јануари 2019 година.
Столчето во НАТО кое значи рамноправно учество во работата на Советот на алијансата и безбедност и стабилност уште на почетокот на идната година го прифаќаме заедно со одговорноста одбранбените стандарди да ги усогласуваме со оние на НАТО.
„Охрабрени и инспирирани од средбата со потпретседателот Пенс, остануваме во тесна соработка со САД во исполнувањето на нашата стратешка цел, да ги консолидираме евроатлантските структури за мир, стабилност и просперитет на сите нации кои се дел од истото семејство, рече премиерот Заев.